Вредноста на синдикалната минимална кошница во ноември достигнала 70.827 денари, што е зголемување за 469 денари во споредба со претходниот месец, соопшти СДСМ. Според СДСМ, со вклучена кирија, месечните трошоци за едно семејство достигнуваат околу 90.000 денари.
Од опозициската партија велат дека ниту три минимални плати не се доволни за покривање на овие трошоци. Само за храна и пијалаци, според СДСМ, на едно семејство му се потребни околу 26.000 денари месечно.
Од почетокот на 2027 година се најавуваат и поскапувања на електричната енергија и парното, што дополнително ќе го оптовари семејниот буџет, наведуваат од партијата.
„Народот едвај врзува крај со крај, затоа што платите не ги следат поскапувањата. Наместо конкретни мерки и решенија за намалување на цените и помош за ранливите категории, владата на Мицкоски не прави ништо. Граѓаните се оставени сами да се справуваат со растечките трошоци и сè потешкиот живот“, се вели во партиското соопштение.
СДСМ ја обвинува власта и дека одбива да ја зголеми минималната плата на 600 евра. Од партијата велат дека нема средства за работниците, земјоделците и зголемување на студентскиот оброк, додека пари има за тендери.
„Арамиската власт на Мицкоски ги осиромашува граѓаните, а во исто време им трупа нови долгови на грбот на идните генерации. Четири милијарди евра за две години и уште две милијарди евра нови долгови за 2027 година кои се најавуваат“, обвинуваат од СДСМ.






















Коментари (0)
Сè уште нема коментари. Напишете го првиот.