Прескокни на содржината
Зачувани

Македонскиот КИЦ во Загреб со изложбата „Флуктуација“ и концертот „Звучен пат“

Македонскиот КИЦ во Загреб со изложбата „Флуктуација“ и концертот „Звучен пат“ (Опсервер)
Фото: Опсервер

Во Македонскиот КИЦ во Загреб беа претставени изложбата „Флуктуација“ на македонскиот уметник Филип Перески и концертот „Звучен пат“ на младите музички уметници Симеон Гошев и Анастасија Гичевска.

На почетокот на настанот пред публиката се обратија македонскиот амбасадор во Хрватска, Драган Ѓурчевски, и директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска. Амбасадорот ја нагласи важноста на културната соработка за негувањето на пријателските односи меѓу двете земји.

Ѓурчевски истакна дека културните настани и претставувањето на уметничките достигнувања отвораат можности за меѓусебно запознавање, размена и афирмација на културните вредности на Македонија и Хрватска.

Изложбата „Флуктуација“ ја истражува линијата како основен визуелен елемент, но и како носител на енергија, движење и емоција. Преку експериментирање со ритамот, текстурата, контрастот и слоевитоста, Филип Перески создава композиции што ја надминуваат статичноста на површината и му оставаат простор на гледачот за сопствено доживување и интерпретација.

„Изложбата е уште едно претставување на современата македонска ликовна сцена пред хрватската публика и потврда на заложбите на македонскиот КИЦ за промоција на актуелните уметнички идеи и творечки истражувања“, истакна Мими Ѓоргоска Илиевска.

На концертот „Звучен пат“ настапија виолинистот Симеон Гошев и пијанистката Анастасија Гичевска. Програмата опфати дела од César Franck, Henryk Wieniawski и македонскиот композитор Томислав Зографски, со што беа претставени различни стилски изрази и уметнички традиции.

Настанот е дел од годишната програма на македонскиот КИЦ во Загреб и се реализираше со поддршка на Министерството за култура и туризам. КИЦ преку изложби, концерти, книжевни, филмски и други културни програми создава можности за присуство на македонските уметници пред хрватската публика, како и за воспоставување професионални контакти, културни партнерства и меѓународна соработка.

Поврзано

Коментари (0)

Сè уште нема коментари. Напишете го првиот.

Остави коментар

Вашата е-пошта нема да биде објавена. Полињата означени со * се задолжителни.

Повеќе од Култура

Најчитано

  1. Голем штрајк во Грција, откажани летови и траекти и измени во превозот

  2. Утрово најстудено на Попова Шапка, измерени -10 степени

  3. Африм Гаши во официјална возвратна посета на Хрватска

  4. Шестмина загинаа во пад на авион кај Мисисипи, меѓу нив и две деца

  5. Над 200 гости на првиот Форум за енергетска дипломатија во Скопје